ЕНЕРГЕТСКИ КОНТРОЛИ НА ЗГРАДИ

1. ОБУКИ ЗА ЕНЕРГЕТСКИТЕ КОНТРОЛИ НА ЗГРАДИ

Со енергетската контрола на згради се обезбедува:

  • процена и исплатливост на можностите за намалување на потрошувачката на енергија во зградите и придружните (помошните) постројки и опрема на зградите;
  • издавање на сертификат за енергетски карактеристиките на зградата; и
  • утврдување на остварените заштеди како резултат од примената на мерките за подобрување на енергетската ефикасност

Агенцијата врши годишна контрола на спроведените енергетски контроли на згради, по случаен избор и согласно начелата на транспарентност и недискриминација, преку проверка на статистички значаен и репрезентативен примерок од сите извршени енергетски контроли на згради. За оваа намена, Агенцијата може да ангажира соодветно квалификуван надворешен експерт или правно лице. Ако Агенцијата врз основа на контролата утврди дека спроведената енергетска контрола не е спроведена во согласност со Правилникот за енергетска контрола на згради, поднесува барање за поведување на прекршочна постапка согласно одредбите од овој закон.

Агенцијата, најмалку еднаш на три години, објавува повик за избор на правни лица за спроведување на обуки за енергетски контролори на згради, како и за
усовршување на енергетските контролори на згради. Исто така Агенцијата донесува решение за избор на правно лице за спроведување на обука и усовршување на енергетски контролори на згради, доколку правното лице поднесе барање и доказ за исполнување на поблиските услови во врска со потребната опрема, просториите и кадарот пропишани согласно Правилникот за енергетски контроли на згради. Решението за избор е со важност од три години.

Агенцијата ги изготвува и донесува програмите за обука и усовршување на енергетските контролори на згради најдоцна до 31 октомври во годината во која се врши избор на правни лица за спроведување на обуки и усовршување на енергетски контролори на згради. Програмите се објавуваат на веб страницата на Агенцијата.

Агенцијата води евиденција на избраните правни лица и истата ја објавува на својата веб страница. Правните лица од ставот се должни да ги спроведуваат обуката и усовршувањето на енергетски контролори на згради согласно Правилникот за енергетска контрола на згради и програмата за обука и програмата за усовршување на енергетските контролори на згради.

Агенцијата врши контрола на квалитетот на спроведувањето на обуките и усовршувањето на енергетски контроли и доколку утврди неправилности или непочитување на одредбите на овој закон или Правилникот за енергетска контрола на згради, може да донесе решение со кое се укинува решението за избор на правно лице за спроведување на обуки или усовршување на енергетски контролори на згради. Против решението на Агенцијата за укинување на решението за избор може да се поведе управен спор. Правните лица издаваат уверение за успешно завршена обука за енергетски контролор на згради и уверение за успешно завршена обука за усовршување на енергетски контролор на згради, најдоцна 15 дена по завршувањето на обуката.

 

2. СИСТЕМ ЗА ВЕРИФИКАЦИЈА НА СЕРТИФИКАТИ ЗА ЕНЕРГЕТСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ЗГРАДИ

Агенцијата воспоставува систем за верификација на сертификати за енергетски карактеристики на згради со цел да изврши проверка на издадените сертификати за енергетски карактеристики на згради преку:

  • проверка на точноста и целосноста на податоците за зградата, односно градежната единица, врз основа на кои е издаден сертификатот за енергетските карактеристики на зградата и проверка на веродостојноста на податоците наведени во сертификатот;
  • проверка на соодветноста на предложените мерки за подобрување на енергетските карактеристики во извештајот на спроведената енергетска контрола; и
  • посета на зградата односно градежната единица со цел проверка на соодветноста помеѓу податоците во сертификатот за енергетски карактеристики на зградата и фактичката состојба во зградата, по случаен избор.

Носителите на лиценци за вршење на енергетски контроли на згради се должни да ги достават издадените сертификати за енергетски карактеристики на зградите до Агенцијата, најдоцна во рок од 15 дена по издавањето на сертификатот.

Агенцијата води регистар за евиденција на сертификатите за енергетски карактеристики на зградите и овозможува пристап до регистарот со цел проверка на сертификатите за енергетски карактеристики на зградите, на барање од суд, надлежен орган или лице кое има правен интерес.