Ресурсите под контрола, компаниите во развој – Божиновска во посета на лиценцираниот експлоататор ИГМ Вратница

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети компанијата ИГМ Вратница АД во општина Јегуновце, која поседува важечка лиценца за експлоатација на минерални суровини, издадена од министерството.

Посетата е дел од континуираните активности на Министерството за мониторинг на носителите на концесии и лиценци за експлоатација, како и за унапредување на регулативата во рударскиот сектор. Во рамки на средбата со менаџментот, се разговараше за спроведувањето на законските обврски, еколошките стандарди, безбедносните протоколи и можностите за подобрување на ефикасноста во експлоатацијата.

„Ресурсите на државата мора да се користат одговорно, транспарентно и со највисоки стандарди. Институциите имаат обврска да водат грижа и континуирано да ја проверуваат усогласеноста со законските обврски, безбедносните протоколи и еколошките стандарди“, истакна Божиновска.

Министерката при обиколка на капацитетите на фабриката директно разговараше и со вработените, интересирајќи се за условите во кои работат. Дел од 68-те вработени целиот свој работен век го минале токму во ИГМ Вратница и се задоволни што компанијата останува стабилен стопански субјект во регионот. Тие истакнаа дека континуираните инвестиции во модернизација и проширување на производството не само што обезбедуваат сигурни работни места, туку и создаваат можности за младите да ја градат својата кариера во оваа индустрија.

Од страна на менаџментот на ИГМ Вратница беше потенцирано дека се во инвестициски циклус и вложуваат во нова автоматизирана технологија, која ќе им овозможи поекономично користење на суровините и помало влијание врз животната средина. Неодамна инвестирале и во нова автоматизирана опрема, вклучително современа машина за производство на бетонски елементи, која, според најавите, ќе овозможи поефикасно искористување на суровините и енергијата во процесот на експлоатација и преработка.

Компанијата ИГМ Вратница АД, основана во 1976 година, непрекинато работи оттогаш и е водечка индустрија за градежни материјали со пет производствени погони. Во рамките на своите напори за модернизација и зголемување на ефикасноста, компанијата аплицирала и ќе биде корисник и на средства од унгарскиот кредит. Овој кредит, во износ од 500 милиони евра, беше договорен од Владата на Република Македонија и е наменет за поддршка на македонските компании преку поволни финансиски средства.

Генералниот директор Владо Нацевски истакна дека досега никогаш не користеле никаква државна помош, а за сите потребни модернизации и реновирања морале да земаат неповолни кредити, што го забавувало растот на компанијата.

„Овие средства од унгарскиот кредит се од огромно значење за унапредување на производството и ефикасноста, и да ја реновираме, модернизираме и вратиме во живот старата производствена хала. За компанија како нашата, навистина претставуваат значајна поддршка за понатамошен развој“, истакна Нацевски.

Министерството продолжува со активен мониторинг на сите носители на лиценци, со јасна цел – законитост, ефикасност и одржливо управување со минералните суровини, обезбедувајќи јасни и стабилни услови за работење на компаниите во согласност со законите и меѓународните стандарди.

.

Со почит,

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Статии во категорија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги финализира административните проверки на апликациите пристигнати по јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за ранливи категории домаќинства во 2025 година.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „Енергија“ во март 2025 година бележи значителен раст од 13.8% во однос на истиот месец претходната година.
По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, упатуваме искрена честитка до сите работници во енергетскиот сектор – од рудниците, преку електраните, до мрежите за пренос и дистрибуција на енергија.
По насока на министерката за енергетика Сања Божиновска, за претстојниот празник 1 Мај повторно ќе се активираат мерките што беа применети од страна на операторот на електропреносниот систем МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за време на велигденските празници, со цел да се обезбеди стабилен и сигурен електроенергетски систем.