Координативен состанок со Алијансата за единствен пазар на податоци – Македонија ја засилува меѓународната соработка, отворени врати за глобални експерти

Во Владата денес се одржа координативен состанок со претставници на Алијансата за единствен пазар на податоци, иницијатива која обединува владини институции, меѓународни организации и технолошки компании со цел создавање дигитална инфраструктура за размена на податоци и поддршка на зелената транзиција. Освен претставници на алијансата присуствуваа и претставници на Фондацијата HBAR кој изразија намера за поддршка во финансирањето на проектите од овој тип, како и претставници на Реактив, за обезбедување на локалниот контекст и поддршка за спроведувањето на Иницијативата.

На состанокот беа претставени клучните иницијативи на Алијансата, вклучувајќи решенија за известување, дигитална инфраструктура за тргување со емисии и можности за инвестиции во зелени технологии. Се разговараше за можностите што ги нуди оваа иницијатива во контекст на дигиталната трансформација, размената на податоци и поддршката за зелената транзиција.

Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, нагласи дека Владата е посветена на унапредување на дигиталната и енергетската трансформација преку партнерства со меѓународни организации и технолошки компании.

„Овој настан доаѓа во време кога Владата на Македонија активно ја спроведува Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година. Во рамките на оваа стратегија, енергетиката е клучен сегмент, не само во однос на економската стабилност, туку и во контекст на климатските промени и зелената транзиција. Задоволство ни е што Владата е домаќин на оваа група експерти и професионалци кои ги здружуваат силите за дигитална и зелена трансформација на нашата економија. Признати експерти, користејќи дигитални решенија со докажан успех. Што е уште поважно, се нуди можност да ја водиме оваа иницијатива и да ја позиционираме Македонија како регионален лидер во одржливост и дигитални иновации, а во исто време да ја поттикнеме нашата економска отпорност и еколошки напредок.“, истакна Јанушев.

„Македонија останува посветена на дигиталната трансформација и зелената агенда, поддршка за мали и средни претпријатија во преминот кон јаглеродно неутрална економија. Владата активно работи на усогласување со европските регулативи како CBAM (Механизмот за прилагодување на јаглеродните граници) и CSRD (Директивата за корпоративно известување за одржливост), што ќе има значајно влијание врз македонските компании, особено во индустриските сектори кои извезуваат во ЕУ. Што ќе придонесе за економска стабилност и одржлив развој.“ изјави министерката Божиновска.

Во рамките на дискусијата беа идентификувани можности за соработка во областа на тргување со емисии, инвестирање во зелени технологии и развој на дигитални алатки кои ќе ги олеснат процесите на усогласување со европските барања. Претставниците на Владата и меѓународните партнери споделија ставови за натамошната соработка во овие области, а разговорите ќе продолжат во насока на утврдување на конкретни чекори за заеднички иницијативи.

Овој состанок претставува чекор напред во напорите на Македонија за подобрување на економската конкурентност и креирање на услови за одржлив развој преку дигитална и еколошка транзиција.

Статии во категорија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги финализира административните проверки на апликациите пристигнати по јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за ранливи категории домаќинства во 2025 година.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека, според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во секторот „Енергија“ во март 2025 година бележи значителен раст од 13.8% во однос на истиот месец претходната година.
По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, упатуваме искрена честитка до сите работници во енергетскиот сектор – од рудниците, преку електраните, до мрежите за пренос и дистрибуција на енергија.
По насока на министерката за енергетика Сања Божиновска, за претстојниот празник 1 Мај повторно ќе се активираат мерките што беа применети од страна на операторот на електропреносниот систем МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за време на велигденските празници, со цел да се обезбеди стабилен и сигурен електроенергетски систем.